Македонија
29. September 2024 - 16:33

Лани околу 9000 пациенти во Македонија починале од кардиоваскуларни заболувања

Славица од Скопје пред неколку месеци не можела сама да се грижи за себе. Вели дека срцето и излегувало од ритам, имала отежнато дишење,  не можела да се движи и целата била вкочанета. Оваа 62 годишна жена има аритмија која била причина за неквалитетниот живот.

-Кога имав аритмија, не посакувам на никој такво нешто, се здрвуваш, не си способен за ништо, вели Славица Павловска – Скопје.

Нејзиниот доктор кардиолог од Клиниката за кардиологија вели дека Славица ја има една од најчестите аритмии во светски рамки која може да се јави кај еден од тројца и компликациите се многу сериозни.

-Многу често прв пат се манифестира со мозочен удар и ние тие пациенти прв пат ги среќаваме на Клиниката за неврологија, за жал. Тука се компликациите, проширено срце и нарушен квалитет на живот, вели д-р Јане Талески,   електрофизиолог од Клиника за кардиологија.

Аритмиите се многу чести и можат да бидат многу опасни. Статистиката покажува дека лани во Македонија секој ден умирале 25 лица поради кардиоваксуларни заболувања кои се прва причина за смртност на глобално ниво.

Славица сега има друг живот како што вели откако на кардиологија и направиле криоаблација.

-100 посто ми се подобри животот, сама функционирам и ништо не чуствувам, вели Славица.

-Првата година дека нема да се појави атријална фибрилација и пациентката чуствува комплетна промена во квалитетот на животот. Долгорочно пак, во намалување на можните компликации, вели д-р Талески.

Славица едовно оди на контроли а нејзината порака е никој да не ги занемарува симптомите и навреме да бараат лекарска помош.

Денеска е светски ден на срцето кога треба да се подигне свеста за кардиоваскуларните заболувања.