Македонија
25. February 2025 - 16:35

Лекарската комора одбележува 20 години од почетокот на издавање на лиценци за работа на докторите

Лекарската комора одзела три трајно и две времено лиценци на доктори за лекарска грешка во изминатите 20 години. Во сите случаи ималало судска пресуда и било докажано дека пациентот починал поради пропусти на лекарот. Од Комората велат дека не се случува ниту често судовите да донесат одлука дека смртта настапила поради несовесно и нестручно лекување. Иако треба да ја почитуваат одлуката, истата повторно се разгледува на нивните комисии пред трајно да му се забрани на лицето да врши докторска дејност.

-Се свикува етичка комисија и случајот го проследува до судот на честа. Ние мора да постапиме по одлуката на судот. Не се случува така често судот да одлучи, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора.

До Лекарската комора не стигнале барања за стручен надзор за последните смртни случаи со починати деца, бидејќи истите ги испитувале комисии од министерството за здравство, иако тоа од нив може да го побара и ДСЗИ и Судот. Од комората се категорични дека лекарска грешка може да се докаже само со судско-медицинско вештачење.

Во моментот во државата активна лиценца за работа имаат 9900 лекари, а годинава се одбележуваат две децении откако Комората доби овластување да спроведува стручен испит и да издава лиценци. Колку доктори ја напуштиле државата за да работат во странство во Комората немаат прецизна евиденција зошто голем дел од нив оделе и се враќале.

7 години важи лиценцата за работа на лекарите, за да ја обвоват треба 4 години активно да работат со пациенти и да имаат поминато соодветни едукации. Досега лиценците не ги продолжиле 3384 доктори, во оваа бројка не се вклучени починатите.