Македонија
16. January 2021 - 19:54

Љупчо Димовски нов лидер на СПМ

Љупчо Димовски е новиот претседател на СПМ. Едногласно е избран од делегатите на 9 Конгрес одржан во Кратово во чест на досегашниот претседател Љубисав Иванов Ѕинго кој неодамна почина. Конгресот почна со едноминутно молчење во чест на досегашниот претседател кој ја предводеше партијата цели 25 години. Делегација од членството замина да положи венец на неговото вечно почивалиште по што продолжи Конгресот.

Димовски е избран по предлог од 53 општински организации. Во својот говор Димовски вети дека ќе ја оправда довербата на членовите и ќе ја раководи партијата на најдобар можен начин. За тоа добил аманет од претседателот Љубисав Иванов Ѕинго, да ги следи неговите заложби - СПМ да биде силна партија на народот која ќе делува по веќе трасираниот пат. Порача дека како никогаш членството треба да биде единствено и сплотено за да се справат со идните предизвици на политичката сцена.

Пред изборот на претседател, беше усвоена декларација со заклучоци од Конгресот и заложби на партијата. Овој документ ќе биде доставен до Собранието, Владата, сите политички партии, организации и меѓународната заедница.

Љупчо Димовски до сега имаше функција генерален секретар на СПМ, тој е актуелен пратеник во Собранието и поранешен министер за земјоделие.