Македонија
23. February 2020 - 14:27

Локвенец: Објавениот разговор со Заев покажува зошто мораше да се донесе Законот за ЈО, спасени се доказите и предметите

Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство, покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд, изјави денеска на прес-конференција Хари Локвенец, пратеник од СДСМ, коментирајќи ја аудио снимката што денеска ја пушти Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, според Локвенец е уште еден доказ дека на дневна основа ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство не можат да функционираат без лаги и конструкции.

-Претседателот Заев во објавените тонски снимки ја коментира одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе Законот за јавно обвинителство, рече Локвенец.

Тоа, според него, се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок, кога, како што рече „се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство“.

-Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа, согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластените разговори се докази, а после може да бидат само индиции и се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство, тврди Локвенец.

Пратеникот и функционер на СДСМ вели дека Милошоски го знае новиот закон, како и Груевски и Мицкоски и оти тие исто така знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази.

-Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен, изјави Локвенец.

Порача граѓаните, како што рече, убаво да слушаат „како се ставани и вадени тонски парчиња во објавената снимка“.

-Но и покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи конструкција. Денес е јасно. Ние се боревме предметите да добијат правна разрешница, бидејќи како што се слуша во разговорот, таа беше загрозена.

Ја добивме битката, ние бевме за Законот и за правна разрешница на сите предмети од СЈО врз основа на обезбедените докази, а тие беа против законот и против правда, рече Локвенец.

Според него, за разрешување на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски има бројни правни аргументи, поради нечесно и несовесно работење и тие не може да ги оспори Антонио Милошоски, за кого има предмет во СЈО.

-Претседателот Заев, уште во август мината година во јавноста ги коментираше информациите дека некој го штити кумот на Трајко Велјаноски, Јово Вангеловски во Судскиот совет, повикувајќи на одговорност за сите согласно законите, без оглед на функцијата којашто ја врши. Граѓаните знаат дека Милошоски и извршителот Мицкоски не сакаат да одговараат оние кои му овозможија на Груевски да побегне, тие се фокусирани на одбрана на криминал, рече Локвенец на денешната прес-конференција во СДСМ.

Во врска со изборните листи повтори дека СДСМ ќе го почитуваат принципот на 50-50 за мажи и жени, а во врска со евентуалната негативна кампања одговори дека изминатите две и пол години направиле многу позитивни работи, што 20-дневната кампања не е доволна за да се спомене сето тоа и ќе недостига време за да се занимаваат со негативна кампања и со негативните постапки на ВМРО-ДПМНЕ.

На новинарско прашање за тврдењата дека телевизија Алфа шири лажни вести, Локвенец рече дека тој ги поддржува сите медиуми, а на совеста на новинарите остава како тие ќе работат, додека јавноста, граѓаните и гласачите треба самите да пресудат кои се вистинските вести и кој медиум ја заслужува нивната доверба.