Живот
19. April 2021 - 9:53

Мадона: Контролата на оружјето е новата американска вакцина

Мадона постави две видеообјави кои повикуваат на контрола на оружјето во САД, обраќајќи им се на своите следачи на Инстаграм со повикот „Разбуди се, Америка!“ – за крај на насилството со оружје.

Во видеото надополнето со ознаките #WAKEUPAMERICA (Разбуди се, Америка) и #GUNCONTROLNOW (Контрола на оружјето сега), заедно со непознати луѓе на улиците и маска „фантомка“ што ѝ го покрива лицето, на крајот на спотот, поп-ѕвездата се сврте кон камерата и уште еднаш повика на контрола на оружјето, опишувајќи го тоа како спасителна вакцина.

– Дали сте чуле за оваа нова вакцина за Америка? Ќе ги одржи сите во живот, и ќе нè чува безбедни! Се вика „контрола на оружјето“. Ова е новата вакцина. Треба да биде задолжителна за сите граѓани!, рече Мадона.

Во второто видео, ѕвездата додава: „Да, луѓето убиваат други луѓе, а не оружјето. Но, повеќето луѓе не се доволно поучени, а пиштол и премногу лесно се добива. Ако тоа беше забрането, никој не би ја чувствувал потребата. Човек може да има пиштол и само за да се заштити од другите кои имаат оружје.“

Двете политички објави на Мадона следат неколку дена откако поп-пејачката повика на контрола на оружјето со кусо видео од нејзиното лице и стакло разбиено од куршуми.