Македонија
13. јуни 2021 - 17:02

Македонија е горда на тимот кој се избори за Европско

Фудбалските фанови и денеска традиционално кај фонтаната во Градскиот парк се менуваа со сликички. Но, годинава е поинаку, ги собираат своите репрезентативци.

Велат дека се презадоволни од покажаната игра од фудбалерите, кои го оставаат срцето на терен, имаат самодоверба и најважно, се стремат кон високи цели.
Оптимизмот и желбата за што подолг настап на Европско фудбалско првенство преовладува и кај навивачите.

Дебито на македонските фудбалери на европската сцена е причина фановите да организираат и хуманитарни акции. Идеата била да соберат еден албум и да го подарат на штитениците од Домот за деца без родители, но веќе го собираат седмиот албум.

Тие кои ќе одлучат да донираат од своите дупликати или да купат сликички за хуманитарните албуми, за возврат ќе добијат сликичка од селекторот, потпишана лично од него.

Дека фудбалот не е само игра кажуваат и емоциите кои фановите не можат да ги скријат.

Фудбалерите покажаа дека ништо не е недостижно и сега Македонија одбројува до своето деби на Европското елитно натпреварување.