Loading Video...
Ракомет
1. May 2020 - 20:43

Македонија заслужува да игра на СП во Египет

На македонската ракометна репрезентација и е одземено правото преку бараж средбите со Франција да се пласира на СП што треба да се игра наредната година во Египет.  Капитенот Кире Лазаров за медиумите изјави дека очекува Македонија да добие вајлд карта и да го продолжи учеството на големите натпреварувања.
Пандемијата со коронавирусот направи големи проблеми во ракометниот спорт во кој нашата земја бележи големи успеси.  На европскиот првак Вардар му е одземено правото да учествува на завршниот фајнал-фор од ЛШ додека пак македонската репрезентација остана без квалификациските дуели за следниот мундијал откако ИХФ донесе одлука да ги поништи и да и овозможи на Франција директно да се пласира во Египет. 
Сепак постои надеж Македонија да заигра на првенството доколку добие покана како заслужна репрезентација оптимист е капитенот Кире Лазаров: 
„Треба да ја разбереме одлуката на надлежните од ИХФ и да ја прифатиме со оглед на целата ситуација. Нашата репрезентација во последната деценија е препознатлива по многу работи во европскиот и во светскиот ракомет. Можеме да наброиме многу работи со кои треба да се гордееме. Искрено, очекувам да добиеме „вајлд-карта“ затоа што доколку постојат такви покани, ние сме во првите редови за да ја добиеме“, изјави  капитенот Лазаров кој да потсетиме играше на СП токму во Египет во 1999 со македонската репрезентација што му беше прво големо натпреварување пред да настапи уште и на мундијалите во Хрватска, Шанија, Катар, Франција и Германија и Данска.