Македонија
9. February 2023 - 12:23

Македонските компании мора да се дигитализираат за да ја зголемат конкурентноста

За да бидат конкурентни на пазарот компаниите мора да се дигитализираат. На тој начин ќе имаат можност  многу полесно да се позиционираат не само на домашниот туку и на странските пазари.За полесна трансформација тие имаат можност да ја искористат и поддршката што ја нуди Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост.

За таа цел веќе е објавен и повик со вкупен буџет од 300 илјади евра за кои може да аплицираат компании од туристичкиот и земјоделско-прехранбениот сектор.

Освен што ќе овозможи зголемување на иновативноста и конкурентноста на претпријатијата воведувањето  на дигитални решенија треба да придонесат и  за  дигитална трансформација во нивното работење. Предизвикот има за цел да овозможи зајакнување на капацитетите на дигиталните иновациски хабови како дел од екосистемот неопходен за понатамошна дигитална трансформација.

Од вкупниот буџет на предизвикот кој изнесува 18.450.000 денари, 12.300.000 денари обезбедува Фондот, а остатокот го обезбедува ИМЕ. Од Фондот е  обезбедено финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот за микро или мало претпријатие, односно до 50% вкупниот буџет за проектот за средни претпријатија, во максимален износ од 1.845.000 денари .

За подобро информирање на заинтересираните компании во повеќе градови низ државата веќе се организираат и инфо сесии.