Македонија
16. February 2025 - 16:47

Максимални затворски казни за превенција од родово базирано насилство

Доживотната казна затвор за убиецот на Емилија Пешева изречена од штипскиот Основен суд, е прва за ваков тип кривични дела, родово базирани, во која жртвата го изгуби својот живот. Ова според адвокатите кои застапуваат жртви на семејно насилство им влева надеж дека во иднина ќе даде позитивни резултати, во смисла вакви дела да има се поретко.

-Нашите Закони не се во целост усогласени со Истамбулската конвенција и токму поради тоа сакам и оваа пресуда да одекне како апел до јавноста. Било која казна за секоја жртва не може да биде доволна сатисфакција затоа што ниту една казна не може да го врати човечкиот живот. Меѓутоа, сметам дека изрекувањето на максимални казни и казнивоста на системот треба вроди со плод, како на планот на специјална, така и како генерална превенција – изјави Билјана Андонова, адвокат.

Пречка за ефикасен прогон на насилниците е актуелното законско решение, според кое по службена должност кривично се гони само насилник кој нанел тешки телесни повреди на жртвата.

-Во моментот кога се подготвуваат нови измени на Кривичниот законик да се вметнат и измените на кои укажуваме како Здружение, особено на член 130 став 2 да се воведе гонење по службена должност, односно семејното насилство да не се врши по предлог каде најчесто жртвите попуштаат, дал ипоради институционален притисок или под притисок на сторителот, па се повлекуваат во кривичното гонење“ – додава Андова.

Според Андонова во конретните случаи се евидентираат институционалните слабости и доколку системот реагирал на време, немало да дојде до фемицид и губење на човечки животи.