Македонија
28. May 2022 - 16:29

Манастирот Трескавец се распаѓа - Никој не презема мерки за негова заштита и обнова

Црквата во манастирот Трескавец кај Прилеп е вистински доказ за комплетната негрижа на државата за едeн од најзначајните не само македонски туку и светски споменици нa културата. 

Овој објект кој потекнува од 13 век буквално со години, ако не и децении, се распаѓа, пред нашите очи, а неговата заштита е минимална. 

Дел од фреските се неповратно изгубени, а постои опасност и од уривање на делови од ѕидовите на црквата, кои за да не дојде до тоа се привремено заштитени со потпори, а привремено за да не влегува вода внатре црквата е заштитена со дрвено скеле со пластики. Но се е тука закочено веќе подолг период. Сега ќе се барала странска помош за влагата која длабоко навлегува во црквата. 

„Имаме проблем со подземните води кои продираат внатре во црквата и покрај тоа што се појавуваат на подовите тие и капиларно се креваат кон ѕидовите. Меѓутоа има и многу големи конструктивни оштетувања на ѕидовите, има оштетувања на подкуполните простори и на таваниците на црквата“, вели Сузана Грибовска, кораководиител на проектот за заштита за црквата.

„Секое сабајле кога влегувам во црквата тоа на што сме сведоци е страшно. Влагата во текот на денот има амплитуди од 30, 60 па и 90 проценти влажност во ѕидовите кои се со ремек дело на ѕидното сликарство во Македонија и ништо да не се презема со децении“, вели монахот Калист кој веќе 18 години живее на Трескавец.

Експертите кои денеска од цела Македонија се собраа на Трескавец велат дека е жално е тоа што како држава сме се доведиле во ситуција, да не немаме конзерватори кои ќе работат на заштита на вакви објекти. Жално било и тоа што во сите овие процеси науката била комплетно исклучена. 

„Тоа е едно огромно културно наследство кое сега ние за жал не сме во состојба да го заштитиме и понатаму да го третираме и конзерваторски и реставраторски. Присуството научната методологија во нашата конзервација е на многу ниско ниво. И ние веќе не можеме ниту да комуницираме помеѓу себе, бидејќи не можеме да следиме едни со други“, вели проф. д-р Сашо Цветкоски, Центар за истражување на културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ.

Иако Трескавец е еден од ретките манастири во Македонија кој што е комплетно истражен научните сознанија не се вклучувале во неговата заштита. А проблем за заштита на спомениците било и финансирањето на научните истражувања.

„Имаме годишна програма на Министерството за култура каде имаме многу живописни содржини. И тоа огромни суми на пари, а за сметка на тоа 5-те национални Институти како највисоки научно истражувачки институции плус вклучувајќи ја тука и МАНУ, ни елементарнии средства немаат, туку се редуцирани на 2 проекти во рамките на Годишната програма. Тоа се парадокси кои никаде во светот не се познати“, вели д-р Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Доколку продолжи ваквиот игнорантски однос на државата кон нашето наследство, за брзо време добар дел од него неповратно ќе го изгубиме.