Loading Video...
Свет
25. May 2022 - 16:31

Масакр во основно училиште во Тексас: Тинејџер уби 19 ученици и двајца наставници

Соединетите држави повторно се потресени од масакр во училиште со повеќе убиени деца. 

19 деца од  второ, трето и четврто одделение се убиени за време на часовите во училишето Роб во градчето Увалде во сојузната држава Тексас.  

Куршумите на 18 годишниот Салвадор Рамос биле фатални и за две наставнички. Пукал од  полуавтоматска пушка и пиштол, а на себе носел панцир. Повреднеи се 13 деца и еден возрасен.  

Напаѓачот бил убиен во престрелка со полицијата, која брзо реагирала на повикот. Двајцата полицајци се ранети во престрелката.  

Оружјето, Рамос го купил кога наполнил 18 години и со него се фалел на социјалните мрежи.  Тој прво пукал во својата баба, по што кон основното училиште се упатил со автомобил, а по пат удрил во друго возило. Неговата баба е во критична состојба. 

Салавадор Рамос бил ученик во средно училишето и живеел во Увалде. Што го поттикнало да убива е непознато. „Вашингтон пост“ ги цитира неговите пријатели и роднини кои го опишуваат како осамен 18-годишник кој бил „малтретиран поради говорна мана како дете, страдал од тежок семеен живот и насилно напаѓал врсници и непознати луѓе во текот на годините“.

Џо Бајден изјави дека му е смачено од трагичните вести за пукања во американските училишта и повика итно да се донесе законот за построга контрола врз огненото оружје. Законот за оружјето веќе некое време е заглавен во Конгресот.

Ова е најголем масакр во основно училиште во САД по трагедијата во Сенди Хук во Конектикат во 2012 година, во која беа убиени 26 лица, од кои 20 деца на возраст меѓу шест и седум години.