Македонија
29. May 2020 - 16:44

Масовен скрининг во текстилните фабрики во Штип

Започна масовно тестирање на сите вработени во штипската конфекција која е ново жариште на Ковид-19 во градот. Во конфекцијата има вкупно 100 текстилни работнички, но ќе се тестираат и нивните колешки од две други конфекции со кои заедно патувале со автобус од и до работното место. Токму начинот на превоз на работниците за цело времетраење на кризата беше акцентиран за потенцијално најопасен за ширење на заразата.

„Поголема свест од работодавачите, поголема свест од превозниците, да се чуваат работниците и време е да се даде годишен одмор“, изјави Кристина Ампева, гласен текстилец-Штип.

Кризниот штаб во договор со Комисијата за заразни болести  изготви задолжение за сите работници кои се превезувале со автобусите, при појава на првите симптоми на болеста, задолжително да останат во самоизолација и да се јават на својот матичен лекар. Истите, по извршена епидемиолошка анкета ќе добијат упатства за тоа дали ќе бидат тестирани за Ковид-19.

„Да не дозволиме да излезе состојбата од контрола, бидејќи знаеме дека, во претходните два месеци навистина беше предизвик и тешко да се функционира во едни такви услови со полициски час“, изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Од Центарот за јавно здравје се оптимисти дека со овие мерки ќе се спречи понатамошно ширење на вирусот и кругот полесно ќе се затвори.