Македонија
21. September 2023 - 16:31

Матичните лекари гледаат решение за долгите чекања на онколошките пациенти со измени во „Мој термин“

Пари, врски или здравствен туризам за најтешко болните да стигнат до одредена дијагностичка процедура. Метастазите не чекаат три месеци за комјутерска томографија или двојно подолго за пет скен и овие пациенти треба да имаат приоритет. Лекари кои секојдненво се соочуваат со проблем да неможат итно да закажат магнетна резонанца за инвазивен карцином, или рендген за рак на бели дробови нудат решенија како здравствените власти да го подобрат системот. Во палетата предлози се сина дијагноза, брза линија или семафор каде црвеното светло ќе значи итност. Но од Министерството за здравство не одговорија дали ќе ги прифатат докторските совети.

-Мора да се направи нешто, оние што се онколошки пациенти да има брза линија ако сме виделе метастаза или итна промена или пак нека се стави семафор, ние лекарите ќе знаеме, бидејќи не се сите итни некој е за контрола, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова претседател на ЗПЛРМ.

Меџити најави дека прават конторли со злоупотреби на Мој термин. Но какви неправилности има и кој ќе одговара засега не кажуваат ниту од министерството ниту од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. И додека контролори бараат кој лекар крие термини, има поголеми градови каде и неможат да закажат бидејќи нема доктори.

-Бидејќи нема специјалист рендгенолог, ние во наводници го правиме оној здравствен туризам па бараме во мој термин каде има – Штип, Свети Николе, Кочани за да заврши пациентото и да добиеме што побрзо дијагноза, вели д-р Чолакова.

Со овие проблеми се соочуваат сите пациенти, но најтешко им е на малигно болните кои по скандалот на Онкологија освен евентуланиот криминал бараат и целосна промена во третманот на лицата со рак.