Македонија
1. December 2020 - 16:34

Матичните лекари се вклучија како волонтери во прилепската болница

Се намалува бројот на прегледи во инфективното одделение во Прилеп, што дава зрак надеж дека можеби ситуацијата со Ковид 19 се подобрува. Изминатава недела имало за 100 прегледи помалку за разлика од периодот од 16 до 22 ноември. Но се уште е рано да се дава било какав прогноза. Но сега проблем е што се зголемува бројот на пациенти на кислородна поддршка.

„Ако до претходно беше половина од вкупниот број на примени, сега веќе скоро 70% од примените пациенти се на кислородна поддршка. Она што можам да приметам е дека повозрасни луѓе сега овие неколку дена наназад се примени“, рече Драган Богоески, директор на Општа болница Прилеп.

Проблем има и со хоспитализација на сомнителни пациенти на Ковид 19 кои чекаaт резултат. Се надеваат дека овој проблем ќе се реши со брзите тестови, од кои 300 веќе пристигнале во болницата и со чија примена ќе се започне од утре. Инаку во моментов се хоспитализирани околу 120 пациенти во инфективното одделение и 4-те други Ковид центри кои се преадаптираа како ушното, очното, гинекологија и еден крак од интерното одделение. Но доколку се случи нов наплив на пациенти, нема простор за преадаптација на други оддели.

„Не може повеќе, нема можност за нови оддели, она што се размислува е во другите одделенија по една до две соби да се одделат“, истакна Богоески.

Во борбата активно се вклучија и матичните лекари од пред неколку дена.

„Матичните лекари почнаа волонтерски да вршат прегледи во амбуланта на инфективно одделение, секој ден од 16 до 22 часот. Секој ден различен лекар, од прилика се пријавени 10 доктори“, рече Моника Бојкоска, претставник на матичните лекари.

Бројот на активни случаи во Прилеп моментално е 1.000, 833 се наоѓаат на домашно лекување, 119 на болничко, а 48 примаат терапија во дневната болница.