Македонија
25. January 2021 - 16:33

Матурантите и денеска бојкотираат - Царовска ги повикува да се вратат на онлајн настава

Продолжува бојкотот на матурантите. Од Средношколскиот сојуз велат дека денеска 75 отсто од матурантите ја бојкотирале наставата. Исклучок е Велес кадешто поради притисоци од наставниците и директорите бојкотот на средношколците е прекинат.

Царовска пак денеска оствари онлајн состанок со директорите на средните училишта. Како што соопштија од МОН донесен е заклучок  според кој министертсвото законски мора да ја организира државната матура  за учениците кои планираат да го продолжат образованието.

Mатурата, којашто е право на избор и на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите ќе им биде овозможено да полагаат. На состанокот беше посочено дека уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети.

Министерката на статус на социјалните мрежи објави дека нема причина за промена на државната матура затоа што над 14 000 матуранти уредно ги пријавиле испитите.

Ходаи кој и самиот ја пријавил матурата вели дека морал да го направи тоа бидејжи законски бил обврзан.

Од Сојузот ќе бараат пратениците да ја отворат темата за државна матура во Собранието а се подготвува и онлајн петиција за матурантите  да се потпишат дека го поддржуваат бојкотот.

Инаку голем дел од матурантите го почнаа второто полугодие со бојкот. Бараат намалување на бројот на предмети за полагање на државната матура. Наместо четири, да полагаат два, едниот мајчин јазик, и другиот по избор на ученикот.

Бојкотот, според најавите од Средношколскиот сојуз, ќе трае се додека МОН не излезе во пресрет на нивните барања.