МЕРМС: Двојно поголема наплата, рекордни 247 милиони денари за три месеци

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) денеска објави дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во првиот квартал од 2025 година достигнала 247.491.155 денари. Ова, како што наведуваат, претставува повеќе од двојно зголемување во однос на истиот период во 2024 година, кога беа наплатени 110.576.324 денари.
Додаваат дека овој значаен раст е резултат на посветените и засилени активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите.
Министерството спровело сериозни активности за зајакнување на наплатата на надоместоците, вклучувајќи: испраќање писмени опомени до концесионерите со предупредување за можен раскин на концесијата доколку не ги подмират навреме обврските, засилување на редовните и вонредните инспекциски контроли на терен, едностран раскин на десетина договори со концесионери кои не ги почитувале законските обврски, со уште десетина постапки во тек, како и донесување нов тарифник за утврдување на висината на надоместоците, кој е во сила од 1 јануари 2025 година.
Со новиот тарифник, се наведува во соопштението, висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за експлоатација на минерални суровини е зголемена до 100 проценти, со цел да се обезбеди правична вредност за користење на природните ресурси.
Клучните измени, информираат од МЕРМС вклучуваат: зголемување на надоместокот за користење простор за експлоатација за околу 30 проценти, надоместок за експлоатација на мермер: 5 проценти од приходот од продадената суровина, наместо од претходна фиктивна цена, зголемување на надоместокот за металични минерални суровини од 2 на 4 проценти, како и просечно зголемување над 100% за неметалични минерални суровини.
Овие измени, посочуваат, не се однесуваат на енергетските минерали, како јагленот, со цел да се избегне дополнителен притисок врз цените на електричната енергија.
- Порастот на наплатата директно влијае врз зголемувањето на буџетите на општините каде што работат концесионерите, како и на буџетот на Република Македонија. Овие средствата се користат за изградба и одржување на комунална инфраструктура на подрачјето на единиците на локалната самоуправа, проекти за одржлив развој и енергетска транзиција и за спроведување на проекти за заштита на животната средина, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и додаваат дека останува посветено на воспоставување на највисоки стандарди за фер управување со природните ресурси и зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација.
Ново на Сител
-

Пожар на депонијата кај Струмица, пожарникарите апелираат до граѓаните да останат смирени
-

Ѓорѓиевски: Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува.
-

Владата донесе одлука од денеска интервентно да обезбеди по 50.000 литри дневно бесплатна вода за пиење за граѓаните на Гостивар
-

Епидемиолозите прогласија епидемија во Гостивар
-

МЗ: Близу 350 лица викендов прегледани во Гостиварската болница со симптоми на ентероколит, три лица се хоспитализирани
-

Невреме предизвика голема материјална штета низ Словенија, десетици интервенции на пожарникарите
-

Андоновски: Во Крушево отворен 16. Центар за услуги, граѓаните добиваат непосредна поддршка и директен пристап до електронските услуги
-

Топлотниот бран продолжува до вторник, заладување и дожд од среда
