Македонија
19. July 2017 - 14:46

Мешани македонско-албански полициски патроли на струшката ривиера

Мешани македонско-албански полициски патроли од денеска ќе патролираат низ најфреквентните туристички локации на брегот на Охридското Езеро во Струга.

Станува збор за активност насочена кон подобрување на безбедноста на туристите од Албанија и Косово кои летуваат во Струга, нивна поголема доверба во службите задолжени за личната безбедност, но и во насока на подобрување на соработката меѓу полициите на Република Македонија и Република Албанија генерално.

- Полициските патроли составени од албански и македонски службеници пред се ќе делуваат превентивно, како дополнителна помош на редовните полициски патроли задолжени за одржување на јавниот ред и мир, истакна портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски.

Мешани полициски патроли составени од албански и македонски службеници веќе патролираат низ албанското летувалиште Саранда во Албанија.

Димоски истакна дека патролите во Струга и во Саранда ќе претставуваат гаранција повеќе за безбедноста на нашите туристи во Саранда односно за албанските државјани во Струга.

Неколку сезони наназад мешани македонско-српски полициски патроли патролираа за време на главната туристичка сезона во Охрид, додека македонски полицајци оваа сезона се дел од мешани патроли во црногорскиот град Будва, како и во Шибеник на хрватската ривиера на Јадранското Море.