Мицкоски: Без гаранции за членство на ЕУ нема отстапки, Филипче вели односите со соседите никогаш не биле полоши
Укинатиот центар за македонски јазик во Лерин е уште еден доказ дека само Македонија се грижи за добрососедските односи.
Премиерот Мицкоски вели дека новата влада нема да паѓа на вакви провокации и нема да реагира како во минатото, но Македонците во Грција ќе ја добијат сета потребна поддршка за да ги добијат своите права.
Влезот во Европската унија останува стратешка цел, но на прашањето дали Македонија помеѓу европските партнери добива поддршка за одолжено усвојување на уставните измени, Мицкоски вели дека нема да дозволи владата да влезе во наивен процес на отстапки без да добие јасни гаранции за членство.
Едно од можните решенија може да биде, како што вие велите, уставни измени со одложено дејство. Но, од она што можам во моментот да го видам, а и што го слушаме, е дека никој ништо не може да ни гарантира. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме ниту ние да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно, ќе бидеме фокусирани и на едниот и на другиот, ќе посветиме поголемо внимание на оној процес што зависи само од нас, а тоа е завршување на домашната задача. Доколку се појави двонасочна улица,ние сме тука, подготвени сме да разговараме. Според тоа, не е доволно само едната страна да сака нешто“, потенцира Мицкоски.
Лидерот на СДСМ пак со остри критики за надворешната политика која ја води Владата. Филипче вели дека односите со Бугарија никогаш не биле полоши, а нема ниту трага од мудрите политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги ветуваше пред изборите.
Не гледаме ниту еден чекор во насока на обид да се направи нешто во контекст на она што го ветуваа. Иако тоа било дел од стратегијата, навистина не гледам што има мудро во оваа политика. Сметам дека досега оваа влада не покажа никаква намера да го продолжиме европскиот пат. И тоа е обврска на владата. Да направат се, согласно нивните ветувања, дека ќе ја подобрат позицијата. Се што гледаме е само влошување на нашите односи со Бугарија. Тоа не оди во прилог на националните интереси на земјата, вели Филипче
Односите Скопје –Софија изминатите денови повторно ги заостри ставот на македонскиот политички врв дека во моментов немаат со кого да преговараат во Бугарија која ја води техничка Влада. Добија одговор дека Софија нема да ја промени утврдената политика кон земјава, ниту се подготвени да разговараат за промена на веќе превземените обврски. Овој став бугарското МНР и го пренесе и на македонската амбасадорка Агнеса Руси Поповска која беше повикана на разговор во петокот.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар