Македонија
4. October 2022 - 12:20

Мицкоски: И судот потврди дека СДСМ лаже

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на Фејсбук напиша дека континуирано од СДСМ против него се води црна кампања полна со невистини, клевети и омаловажувања.

- Ја разбирам потребата на СДСМ и нивните инсталации континуирано да водат црна кампања полна со невистини, клевети и омаловажувања кон мене, повеќе од четири години, но македонската јавност мора да ја знае вистината.

Имено, во текот на вчерашниот ден 3 октомври 2022 година, на прес конференција https://sdsm.org.mk/pres-konferencii/51032, изнесени се бројни лаги, невистини и клевети со цел да ми се нанесе штета во јавноста, но кога сме кај вистината би сакал да приложам пред македонската јавност два докази.

Првиот доказ е одлука на државната комисија за спречување на корупцијата од ноември 2019 година, која постапувајќи по допрен глас утврдила дека не постои судир на интереси, а на тој начин предметот е затворен и архивиран со појаснување на член од комисијата дека сите наводи во јавноста се неточни (слика 1).

Вториот доказ е пресуда на граѓанскиот суд во Скопје од април 2022 година со која судот констатира дека СДСМ со намера да наштети на мојата чест и углед изнела невистинити факти на својата официјална страна на социјалната мрежа Facebook (слика 2 и 3).

Нервозни се бидејќи аферата броило покажува колку силно го имаат разорено системот со трговија на влијанија, бизниси и матни тендери. Потполно сум свесен дека се исплашени, доаѓа денот кога ќе има одговорност за криминалот, предавствата и срамот што го нанесоа на македонскиот народ и Македонија. Мојата борба против криминалците во политиката е безусловна. Колку повеќе лажете и клеветите толку повеќе ме мотивирате. Со секој изминат ден Македонија е поблиску до слобода, а политичките криминалци до одговорност. Одиме до крај, напиша Мицкоски на Фејсбук.