Мицкоски: Милошоски и Филков имале само лош ден што треба да заврши
Пратеникот Милошоски и министерот за правда Филков имале само лош ден кога вчера меѓусебе си испратија критики за својата работа и политичка кариера иако припаѓаат на истата владина коалиција, смета премиерот Мицкоски.
Откако ги пофали како соработници, Мицкоски посредно им порача и на Милошоски и на Филков да ја смират топката.
И Милошоски и Филков денеска не сакаа да го коментираат меѓусебниот однос со критики, но и пораката на премиерот. Милошоски синоќа во интервју посочи дека министерот за правда имал слаби перформанси по однос на обврските што ги има преземено за правосудни реформи. Филков пак, на Фејсбук возврати дека пратеникот е неиформиран и изолиран од партијата, а го праша и за кого одработувал во моментов.
Но, искри нема само меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, туку и внатре во Вреди. Премиерот Мицкоски не е загрижен дека и ова би влијаело на владината коалиција посочувајќи дека Владата има добар рејтинг.
Партнерите во албанската колиција наводно се поделиле околу ставовите за настап на локалните избори. Таравари сметал дека секој требало да се настапува самостојно. Тој јавно посочи дека останува во Владата на Мицкоски, но дека има и контакти со Ахмети, а дека тоа го прават и останатите лидери на Вреди. По оваа изјава, останатите лидери од албанската коалиција излегоа со демант дека немаат и не сакаат ништо со ДУИ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар