Мицкоски на средба со трговците и претставници на маркетите, опозицијата бара мерки
Опозицијата и денеска бара мерки за да се спречи ценовен шок, по поскапувањето на горивата. ДУИ предлага да се ограничат маржите на основните прехранбени производи, да се намали ДДВ-то за период од три месеци, а минималната плата да се зголеми за најмалку 3.500 денари, наместо законското усогласување од 1.600.
- Апелираме до Регулаторната комисија за енергетика почесто да ги разгледува цените на нафтените деривати, најмалку двапати неделно, имајќи предвид дека на меѓународните берзи веќе има значително намалување на цените. Секое доцнење во рефлектирањето на овие промени на домашниот пазар претставува дополнителен товар за граѓаните и за бизнисите – кажа Синан Вејсели од ДУИ.
Од СДСМ, пак, велат дека кога ВМРО-ДПМНЕ биле во опозиција ветувале намалување на акцизите за горивата, а сега кога се власт, одбиваат да го сторат тоа.
- Иако на светските берзи цената на нафтата се намалува граѓаните на Македонија плаќаат поскапо гориво. Сите земји во регионот воведоа мерки за ограничување на цените на бензините само владата на Мицкоски не. Очигледно Мицкоски намерно профитира на грбот на народот. Мицкоски вели најефитно гориво имало во Македонија. А што е со платите? Па проблем е што платите се најниски во Европа и куповната моќ на македонските граѓани е на дното – истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Премиерот Мицкоски рече дека Владата ги има предвид овие мерки, но се разгледуваат и други опции кои ќе се реализираат доколку има потреба од нив.
- Во овој момент нема таков предизвик кој би го загрозил нормалното функционирање на системот, ниту пак има индикатори кои може да не изненадат. Предизвиците се случуваат на дневна основа и ги анализираме. Ние, за разлика од опозицијата имаме одговорност. Гледам дека се повикуваат на некои наши изјави во време на опозицијата од 2022 година, но апсолутно едната и друото не се споредливи бидејќи тие изјави се давани после неколку недели и месеци на континуиран раст, а ние сега зборуваме за неколку денови од почетокот на кризата - вели Мицкоски.
А повисоки плати бара и Сојузот на синдикати. Оттаму повикаа на масовност на закажаниот протест за 600 евра минималец и раст на сите останати плати за 100 евра.
- Да ни се придружите, во сабота во 12:05 часот, од пред Работничкиот дом за да упатиме нова порака: дека платите мора да се зголемат на сите. Дека платите во Македонија се мизерни покажуваат и податоците на УЈП според кои 160 илјади работници живеат со плати под прагот на сиромаштијата. Сметаме дека треба да излезете заедно со нас. Ако не ние сега, тогаш кој и кога? – рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Од вчера дизелот се продава за 14,5 денари поскапо, а бензинот скокна за 5 денари. Во меѓувреме, цената на нафтата на светските берзи почна да паѓа и поради тоа Владата нема да прогласи кризна состојба. Премиерот веќе кажа дека и со вчерашното поскапување, пак имаме најевтини горива во регионот.
Нови цени, Регулаторната комисија ќе утврди во понеделник.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
