Македонија
8. December 2022 - 16:28

Мицкоски обвинува дека власта е најдобар ас на бугарската политика, Ковачевски бара помош од ЕУ за опструкциите на опозицијата

Најдобрите асови на бугарската политика се наоѓаат во Владата. Болните компромиси кои ги направија покажуваат дека власта ниту ги штити, ниту има стратегија за македонските интереси, обвини лидерот на опозицијата.

На Свечената академија по повод чествувањето на Свети Климент, Мицкоски порача дека денес, македонскиот светец неоправдано се присвојува од Бугарија, што претставува удар врз темелите на македонската нација и водење политика со неговото дело.

“И мене не ме обесхрабрува таа битка да ги штитиме темелите, но длабоко ме разочарува отсуството на стратегија на заштита на тие темели од тие кои живеат во истиот наш дом, а сега се за жал уште кратко власт. Веројатно тие се најдобрите асови на бугарската политика, но лошо е што не се патрони на македонските интереси. И таквите свои компромиси болни за нацијата се многу полезни за нивните кариери”.

Премиерот, пак, во политиката на најголемата опозициска партија препознава популизам.

Во обраќање на Самитот на лидери во Виена, организиран од Групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, ја повика Унијата да обрне внимание на ВМРО ДПМНЕ и на Левица, директно обвинувајќи ги за попречување на европскиот пат.  

“ЕУ мора сериозно да размисли за опструкциите на опозицијата и обидите по секоја цена да го загрозат европскиот пат од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Уште поголема опасност е што тие ја држат ВМРО ДПМНЕ како заложник. Конзервативната ВМРО-ДПМНЕ се натпреварува за радикализам со Левица”.

Популизмот расте во Европа, но уште побрзо во Западниот Балкан, предупреди Ковачевски. Покрај за ВМРО ДПМНЕ, за блокадите кон ЕУ упати остри критики и за Левица, нарекувајќи ја партијата на Апасиев – агенти на хаосот.