Бизнис
1. October 2022 - 16:36

Мицкоски сега го кани Битиќи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ да му го образложи планот и контактите

Ако не сака премиерот Ковачевски, нека дојде вицепремиерот Битиќи. Лидерот на опозицијата Мицкоски преку ФБ профил го кани заменик претседателот на Влада утре во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, каде детално ќе го објаснел планот и концептот за закрепнување не економијата и помош на бизнисот.

Мицкоски вели дека нуди концепт за ублажување на последиците од енергетската криза  и спас на работните места, не само за оваа зима, туку и за наредната. Политички поени не го интересирале, туку спасот на илјадници луѓе чии работни места се под знак прашање.

Дали ќе прифати средба или не, одговор не добивме од вицепремиерот Битиќи.

Во меѓувреме, за надминување на последиците од енергетската криза, за помош на граѓаните, но и бизнисот, земјава бара пари од надвор. При крај се преговорите за одобрување кредит од ММФ, но извори од финансии велат дека сумата ќе биде далеку пониска од онаа која првично се споменуваше, односно 900 милиони долари.

Помош на земјите за справување со кризата ќе треба, изјави денеска директорката на ММФ, Кристалина Георгивеа. Конфликтот во Украина ја предизвика најлошата криза со енергенсите и храната, при што 345 милиони луѓе во светот се соочуваат со глад. Затоа ММФ одобри нов пакет помош.

- Новиот инструмент за финансирање ќе обезбеди дополнителен пристап до итното финансирање на земјите кои имаат итни потреби во платниот биланс и страдаат од акутна несигурност на храна, остар шок во увозот на храна или од извозен шок на житарици. Новиот прозорец за финансирање ќе биде отворен една година, изјави Кристалина Георгиева, извршен директор на ММФ.

Во извештајот на ММФ се наведува дека на 48те земји кои се најмногу погодени од недостиг на храна ќе им требаат 7 милијарди долари за да им помогнат на најсиромашните домаќинства. ММФ ги повика државите да ги укинат забраните за извоз на храна и другите протекционистички мерки, а главен приоритет на сите влади треба да биде борбата против инфалцијата.