Македонија
8. March 2021 - 21:36

Мијалков не ни даваше наредби за апсењето на Бошковски, сведочеа обвинетите полицајци

Полицаецот кој му ставил лисици на Љубе Бошковски тврди дека тој и неговите колеги од единицата „алфи“ не употребиле прекумерна сила при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија. Петар Милошевски кој го водел тимот, вели дека врзувањето со лисици и легнувањето на земја следеле откако Бошковски се обидел да побегне.

„Тој ја предизвика нашата интервенција. Ако ги почитуваше нашите наредби, немаше да постапуваме. Не верував дека поранешен министер за внатрешни може тоа да го стори“, рече во судницата Милошевски. 

Бошковски давал отпор при апсењето, а употребувал и навредливи зборови за полицајците. Бил притиснат до тоалетот бидејќи тоа била стандардна полициска процедура за лице кое при апсењето се обидело да побегне, објасни Милошевски. 

Командирот на алфите, Ивица Анчевски - Пуки, сведочеше дека единицата не била раководена од тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Никој од присутните во судницата не ми бил претпоставен. Единицата „алфа“ во 2011-та, хиерархиски е поставена во БЈБ, поточно во СВР Скопје. Од тие причини не е возможно таа да биде раководена од друга страна, поточно од овде присутните“

Зад помпезното апсење на Бошковски, според обвинението, стоел тогашниот прв човек на УБК, Мијалков. На следните рочишта и тој ќе треба да ја даде својата одбрана за случајот.