Македонија
27. January 2020 - 19:47

Милошоски бара од Жбогар да каже зошто ЕУ молчи за злоупотребата на европското знаменце во парламентот

Проширувањето на Европската унија е високо на агендата на хрватското претседателство со Европската унија. Амбасадор на Унијата во земјава вели дека Македонија треба да се фокусира на носење Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик и измените на собранискиот Деловник во рамки на процесот „Жан Моне“.

- Во однос на изборите, всушниот третиот столб, очекуваме слободни, фер и мирни избори. Но во исто време треба да забележиме дека изборната кампања иако не е почната официјално всушност веќе е почната откако во октомври се објави датумот и со зголемување на кампањата се зголемувааат и тензиите во политиката кои се одразуваат и врз целото општество, вели амбасадорот Самуел Жбогар.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски, пак, обвини дека власта го злоупотребува европското знаменце при носење на Закони кои немаат никаква врска со европската регулатива. Посочи дека амбасадорот Жбогар знае, но не презема ништо.

-Оваа влада кога има потреба да го злоупотреби европското знаменце, го става дури и на Закон за опојни дроги, на Закон за тутун или Закон за јазици. И тогаш европската делегација во Македонија молчи. Не треба да молчи. Треба да каже дека европското знаменце може да се стави само ако македонското Собрание усогласува некое законодавство со европската регулатива, а не да се лаже македонската јавност од страна на актуелната власт, а тие во чие име се лаже и да молчат. Со самото тоа се нарушува угледот на ЕУ, вели Милошоски.

Амбасадорката на Хрватска во земјава рече дека за време на шестмесечното претседавање со ЕУ, посебен фокус ќе се стави на проширувањето на Унијата со земји од Југоисточна Европа.

-Што се однесува до Северна Македонија, нашата позиција е чиста. Нашата желба е грешката која што се направи во октомври минатата година да биде исправена во претстојниот период и Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори со Европската унија, рече амбасадорката Нивес Тигањ.

Власта и опозицијата имаат различни мислења за приоритетите кои во наредниот период ги има Европската унија. Според вицепремиерот Османи, Македонија е на топ агендата на Унијата, а Милошоски, пак, смета дека проширувањето не е приоритет, туку носењето на буџетот. Тој порача власта да не ги подигнува надежите дека Македонија на Самитот во Загреб ќе добие датум за почеток на преговорите.