Македонија
23. April 2024 - 21:24

Министерот се премисли: Основците нема да одат на училиште во сабота

Нама да се оди на училиште во сабота. Деновите кои Владата ги прогласи за неработни поради престојните избори, учениците ќе ги одработуваат во текот на работните седмици до крајот на оваа учебна година, со тоа што подолго од вообичаеното ќе останат во училишните клупи. Вака реши МОН по бурните реакции на родителите, но и просветните работници.

„Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови. Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат  директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците“, соопштија од ресорното министерство.

СОНК ја поздрави оваа одлука. Велат дека министерството за образование сроило компромисно решение.

До крајот на учебната година, преку текот на работните седмици сите основни училишта во Македонија ќе треба да одработат настава за два дена, поради претстојните двојни избори, а пак основците во Скопје, настава за три дена. Два поради изборите, а третиот ден поради самитот на ОБСЕ што се одржа лани во Скопје.