МО: Оштетена спомен плоча на загинатите бранители кај „Карпалак“, случајот пријавен во МВР
Оштетена е спомен плочата на загинатите бранители кај месноста „Карпалак“, информираат вечерва од Министерството за одбрана, осудувајќи го ваквиот чекор.
- Настанот е регистриран од страна на надлежните служби на Министерството, уште во утринските часови. Веднаш е пријавено во Министерството за внатрешни работи, за преземање соодветни мерки за идентификување на сторителите на овој немил чин. По соодветните дипломатски линии, случајот е пријавен и до меѓународната заедница, се наведува во објавата на министерот Владо Мисајловски на „Фејсбук“.
Министерството за одбрана соопшти дека презема активности за поставување нова спомен плоча, најбрзо што може.
- Во поглед на поставување спомен обележје на месноста „Карпалак“, информираме дека во изминатите седум години, преземени се иницијативи за поставување спомен обележје, што не се во согласност со законската регулатива од оваа област. Имено, не е земено предвид дека местото каде што е предвидено да се постави споменикот, е, заштитен појас каде може да се градат објекти во функција на автопатот и постојано се добивани негативни одговори од надлежните институции. Односно се преземени активности за да не се направи апсолутно ништо, пишува во објавата.
Се додава дека Министерството за одбрана, во координација со надлежните институции, ги разгледува сите законски можности за поставување достојно спомен обележје.
Вчера во „Карпалак“ на патот Скопје - Тетово, беше одбележан трагичниот настан од пред 23 години, кога за време на конфликтот од 2001 година, конвој од бранителите бил нападнат од страна на терористите од т.н. ОНА. Во нападот каде биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубиле 10 бранители, сите од Прилеп, кои со камиони се упатувале кон касарната во Тетово.
На 8 август 2001 година, на ова место биле убиени Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.
Ново на Сител
-
ЈО: Психотропни супстанции пронајдени во стан во Скопје, поведена истрага
-
Судскиот совет попладне ќе ја одржи 498 седница
-
На Попова Шапка најниска температура и најмногу дожд
-
Влада: Oбезбедуваме по 11 илјади денари К15 за над 84 илјади вработени во администрација
-
Дождот ги изгасна сите пожари на отворено
-
Измените на Законот за локална самоуправа утре на собраниска седница
-
Масовен украински напад со беспилотни летала врз Русија - Една жена загина, повредени 3 лица
-
Гутереш во својот седумгодишен мандат не видел толку смрт и уништување како во Газа