Македонија
15. August 2020 - 16:50

,,Мој термин‘‘ во функција од понеделник - ГОБ ,,8. септември‘‘ ќе се отвори за сите интервенции од 1. септември

Од понеделник конечно ќе почне закажување преку Мој Термин за прегледи и интервенции од септември. Голем број пациенти на кои операциите им беа одложени бидејќи не биле итни, како и граѓани кои не стигнале до специјалист поради корона кризата,  ќе добијат здравствена услуга.

-До директорите на здравствените установи е доставен допис да дадат термини и од наредната недела ќе почнат закажувањата, потврди за Сител министерот за здравство.

Речиси двојно ќе биде намален бројот на прегледи дневно за да нема гужви пред ординациите. Секоја установа ќе има задолжено лице кое ќе прави ред во амбулантите за да има одржување на потребната дистанца.

Од први септември и ГОБ 8ми септември која е првиот Ковид центар во државата ќе се врати на старата рутина. Ќе ги  отвори амбулантите и операционите сали и за други интервенции а во одделот за корона кој ќе го сместат на приземје ќе имаат капацитет за максимум 50 пациенти.

-Тој дел ќе биде целосно изолиран од останатие оддели за да може нормално да функционираат. Овој момент се прават ситни реконструкции на 4 операциони сали и од семптември ќе бидат во функција. Секако има пациенти на кои им беа одложени хируршки интервенции, но сега ќе почнат да доаѓаат. Секако ќе работиме со малку понамален капацитет, вели др. Христијан Костов директор на ГОБ 8ми септември.

Од болницата очекуваат намалување на бројот на Ковид пациенти кога ќе профункционираат и 16те монтажни болници што ги најави министерството за здравство. Засега сеуште во 8ми септември има од 10 до 15 приеми дневно.

-Имаме 74 хоспитализирани со корона од кои 6 се на респиратор. Од тие 10 до 15 приеми дневно има голем дел пациенти од внатрешноста, но кога ќе има и дурги центри ќе бидат хоспитализирани во регионот од каде доаѓаат, вели Костов.

Поради пандемијата со корона, шест месеци здравствениот систем функционира само за ковид пациенти и итни случаи.