Македонија
23. March 2023 - 21:25

Молк на Касами и БЕСА за пораката „Добредојдовте во главниот град на Албанците во Северна Македонија“

Молк од Касами и БЕСА по вчерашната објава на Фејсбук, која социјалната мрежа ја преведе како „Добредојдовте во главниот град на Албанците во Северна Македонија“. 

Градоначалникот на Тетово и неговите сопартијци денеска не сакаат да појаснат на што точно мислел Касами во објавата, со оглед на тоа што познавачите на албанскиот јазик велат дека станува збор за грешка во преводот.

Според нив, пораката на Касами била „Добредојдовте во главното седиште на Албанците во Северна Македонија“ или „Добредојдовте во центарот на Албанците во Северна Македонија“. Но Касами не одговори на нашето прашање, што точно сакал да каже во својата објава која предизвика лавина реакции и од етничките Македонци, но и од политичките партии.

Демократски сојуз на Павле Трајанов реагира дека во последно време постои натпревар помеѓу партиите од албанскиот политички блок за тоа кој ќе има поекстремистички и посепаратистички изјави. Сметаат дека ваквиот речник може да ги наруши меѓуетничките односи, безбедноста и стабилноста на државата.

-За жал, досега нема ниту еден коментар и осуда од СДСМ, владејачката партија, која за да остане уште некој месец на власт, толерира национализам кој ги поткопува соживотот и унитарниот карактер на Македонија, велат од Демократски сојуз.

Откако СДСМ `и сврте грб на Алтернатива, партијата во одбрана на Касами. Велат, власта реагира само на изјави кои доаѓаат од опозицискиот блок.

- Зачуден сум од реакцијата на дел од коалициските партнери на СДСМ, односно, хистеријата на таква една изјава кога гледаме дека се што доаѓа од династијата на ДУИ се премолчува од истите коалициони партнери. Кога доаѓа нешто, било да е тоа погрешно искажана изјава од албанската опозиција, се сведува на работ на нарушување на меѓуетничките односи, вели Орхан Муртезани од Алтернатива.

ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП реагираа уште вчера по објавата на Касами за посетата на градоначалници на општини од Албанија и Косово.

Инаку, според последниот попис во Скопје живеат двојно повеќе Албанци отколку во Тетово. Но процентуално, албанското население во Тетово е далеку поголемо, со оглед на тоа што 71% се Албанци, додека во Скопје Албанците се 22% од вкупното резидентно население.