Македонија
26. January 2022 - 16:39

МОН до крајот на неделата ќе одлучи како ќе се одвива наставата од 1. февруари - со физичко присуство или онлајн

Учениците да се вратат на настава на 1 февруари со физичко присуство. Ова е заклучокот од вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести, дознава Сител од лекари кои присуствувале на состанокот. Иако побаравме официјален став од кабинетот на министерот Беким Сали, од таму отсуствува транспарентноста и не добиваме никакви одговори на прашањата, а веќе 10 дена се ангажирани како дел од тимот на министерот за здравство.

Инаку препораката на Комисијата  дополнително ќе се разгледува на Кризниот штаб и на седница на Влада. Онлајн или настава со физичко присуство во второто полугодие ќе зависи од епидемиолошката состојба, односно дали и наредните денови бројките на заразени со Ковид ќе растат. Конечна одлука треба да биде донесена до крајот на неделата информираше министерот за образование.

- До крајот на неделата ќе има конечна одлука и каква и таа да биде – физичка настава или онлајн, коментарите ќе бидат различни. Но, ќе се земат сите придобивки од двете варијанти, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Инаку во земјите во соседството и во регионот каде второто полугодие почна со физичка настава регистрирани се зголемен број на заразени деца и наставници.

Само во Ниш во понеделникот биле пријавени инфицирани 800 ученици и 200 вработени во образовните установи и поради ова тамошниот синдикат бара да се премине на онлајн настава.