МОН од утре ќе организира јавни дебати за Законот за високо образование
Од утре нацрт законот за високо образование ќе оди на тест пред академската јавност. МОН ги почнува јавните дебати на сите 6 државни универзитети.
Додека ресорната министерка тврди дека строгите критериуми и Шангајската листа се патот до квалитет, дел од фелата веќе алармира дали државата со овие реформи навлегува во универзитетската автономија.
Министерката неколку пати порача дека текстот е прикачен на ЕНЕР, а секоја критика или сугестија ќе може да се испрати и по електронски пат до МОН.
Кратењето на студиски програми е една од спорните одредби за дел од студентите и професорите. Во Македонија има 34 високообразовни установи на кои има вкупно 1300 студиски програми.
Според новиот закон ќе се ревидираат, оние кои нема да исполнуваат услови ќе се укинат, но тука не спаѓаат оние студии кои се од национално значење за државата без оглед колку студенти годишно се запишуваат.
Реакциите од фелата главно се однесуваат и на построгите критериуми за напредување, односно изборот во научни звања кој предвидува објавување на научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор. Ова се прави за конечно еден од универзитетите да се најде на престижните ранг листи како Шангајската.
За да се добие место на оваа листа, еден универзитет годишно треба да објавува најмалку 1200 научни трудови со импакт фактор. Кај нас најстариот универзитет Св.Кирил и Методиј годишно објавува од 300- 500 а во меѓувреме МОН редовно објавува огласи за финансирање на научни трудови за академската фела.
По Ревизија на високообразовните установи и институти досега се донесени решенија за затворање на 14 приватни научни институти и еден приватен факултет.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
