Македонија
20. April 2024 - 16:43

Мостот Беласица затворен, повторно ја тестираат издржливоста

Битката за мостот Беласица трае речиси година, мостот утрово го затворија и повторно го тестираат. Со 6 камиони и тим геодети се вршеа мерења од рано утрото. Ова не е прво тежинско оптеретување за да се провери издржливоста на мостот. Но досега јавноста не разбра колку е мостот безбеден и зошто целосно  не го ослободија за сообраќај. Граѓаните револтирани што со месеци трпат огромен метеж.

Професорот Гаревски е повторно вклучен во активностите на компанијата за тестирање на мостот. Тој ќе го има последниот збор. Веројатно за 15 дена би требало да го завршат извештајот. На прашањето какви се резултатите од претходните мерења не сакаше да коментира бидејќи тој сега е дел од тимот.

Мостот за неполн месец ќе слави роденден од опожарувањето. Град Скопје го држеше затворен со месеци по што го пушти само делумно во сообраќај. Се прогласуваа за ненадлежни да ја извршат санацијата, потоа активностите ги преземаа од ЕСМ кои требаше да ги отстранат опожарените цевки за да постават нови. Грејната сезона заврши а топловодната мрежа не е обновена.