Македонија
9. December 2019 - 16:47

Можно ли е отворање на преговорите со ЕУ следната пролет?

Европа треба да ја поправи октомвриската грешка и на пролет да започнат преговорите со Македонија и Албанија, порача новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархели на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи, што се одржа во Брисел.

“Денеска имавме работен појадок со министрите за надворешни работи на Албанија и на Северна Македонија. Дискусијата беше многу позитивна и јас сум сигурен дека можеме да ја поправиме грешката и да почнеме преговори на пролет. Изгледа ќе можеме да одиме напред и да ја исправиме грешката направена во октомври. Треба да ги започнеме преговорите за пристап со двете држави на пролет”, изјави Оливер Вархели.

Шефот на македонската дипломатија побара почеток на преговорите без натамошно одлагање бидејќи Македонија се чувствува несигурно по октомвриската одлука на Советот.

“Потребно е заеднички да создадеме контекст од кој на крајот сите ќе излеземе како победници. Исходот од октомврискиот Совет на ЕУ создаде несигурност, која е неопходно да се коригира што е можно побрзо. Се согласуваме со унапредување на преговарачкиот процес, но бараме носење на одлуката за почеток на преговорите без натамошно одлагање. Временската рамка е важна и со нетрпение ќе ги очекуваме предлозите на Европската Комисија. Потребен ни е еднаков терен и јасни правила на игра кои ќе овозможат прифаќање на обврските, но и реално придвижување напред кон членство и конкретни бенефити по патот, доколку обврските задоволителни се остваруваат”, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Вархели и Димитров се договорија комесарот да ја посети земјава во јануари, период кога се очекува Европската Комисија да излезе со предлог за нова методологија за пристапниот процес. Тоа произлезе откако на 15 октомври министрите за надворешни работи не изгласаа почеток на преговорите со Македонија и Албанија, а Франција побара реформа на процесот за проширување на Унијата.

Токму подобрување на методологијата за проширување и фокус на европската перспектива за земјите од регионот побара шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој впрочем беше и организатор на денешната неформална средба. Тој е задоволен од состанокот бидејќи неговиот став го поддржале мнозинството негови колеги.