Македонија
20. May 2022 - 21:16

МПЦ и СПЦ ќе служат литургија и во Скопје на Денот на сесловенските просветители

СПЦ ја прифати поканата и доаѓа на заедничка богослужба со МПЦ ОА во Скопје.

Македонската црква соопшти дека на 23 и 24 мај црковна делегација на СПЦ предводена од патријархот Порфирије ќе дојде во посета на МПЦ. Заедничката богослужба ќе ја одржат во Соборниот храм Св. Климент Охридски а ќе се служи литургија за празникот Св. Кирил и Методиј.

- На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Неговата Светост Српскиот Патријарх г. г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински Цркви, ќе служат Божествена Литургија.

Го повикуваме верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да земе молитвено учество“, се вели во соопштението.

Нема информација дали при посетата на српскиот патријарх ќе биде донесена одлука за писмо со кое СПЦ ќе го извести Вселенскиот Патријарх Вартоломеј дека се согласни за доделување на автокефалност на МПЦ ОА.

По 55 години МПЦ ОА и СПЦ за прв пат вчера одржаа заедничка литургија откако беше донесена одлука од Цариград за признавање на канонскиот статус на македонската црква. Со литургијата чиноначалствуваа поглаварите на двете цркви во соборниот храм Св. Сава во Белград.

Комисијата за односи со верските заедници во соопштение вели будни ги следат актуелните случувања и ги поддржуваат мудрите чекори во понатамошната црковна дипломатија.

Разрешувањето на македонското црковно прашање е процес во кој верниот македонски народ и црковниот клир со децении се соочуваат со безброј предизвици, препреки, неправди и понесуваат голема жртва, но во светло на конечното препознавање на канонската исправност и автокефалниот статус од православната екумена, патот на македонската црква говори за нејзината длабока и древна духовност која повеќе од милениум го чува светото црковно предание.

На сослужувањето во Белград присуствуваа голем број свештеници од речиси сите епархии на СПЦ. Интересот за литургијата беше голем кај верниците но и кај медиумите. Настанот се пренесуваше во живо на повеќе национални медиуми кои главно коментираа дека со овој чин  се става крај на судирот помеѓу СПЦ и МПЦ. На официјалниот сајт на СПЦ беше пренесена во целост беседата на архиепископот охридски и македонски г.г Стефан.