Македонија
19. February 2026 - 16:43

Муцунски: Многу сме блиску до склучување договор со САД за тарифите

Македонија е на чекор пред потпишување на договор со САД кој ќе овозможи поповолни услови за извоз на домашните производи на американскиот пазар и тарифи до максимум 15%. Неодамнешната усогласена зедничка изјава меѓу двете страни е силен сигнал дека процесот е пред завршница и продлабочување на партнерството, потврдува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски.

Според Муцунски, земјава и во моментов извезува производи во САД со тарифи пониски од 15 проценти. Во заедничката изјава која ја објави Белата куќа договорено е Македонија да ги укине сите царини за американските индустриски и земјоделски производи. Од друга страна, САД ќе ја задржат царината од 15% за дел од македонските производи, но за некои ќе воведат нула проценти. Кои производи ќе бидат опфатени со пониски тарифи не се открива, поради доверливоста на договореното, но се споменува бројката од 64 производи.

Македонија ја продлабочува економската соработка и со Словачка, со која денеска во Скопје беше потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу двете влади. Во следниот период ќе се интензивира соработката на компаниите, а ќе се разменуваат искуства и експертизи во делот на енергетиката, ИКТ, автомобилската инсутрија, здравството и туризмот.