Македонија
7. August 2020 - 21:35

МВР му реферираше на обвинителството за случајот Мавровка

Извештај со докази за можниот сопственик на дивоградбата пред Мавровка, испратила полицијата до Основното јавно обвинителство. Во документот од спроведената истрага биле наведени превземените активности кои упатувале на сомнеж за можниот сторител на кривичното дело „бесправно градење“.

„Поднесено е известување со сите досега преземени мерки и активности кои упатуваат на постоење на основи на сомнение за можниот сторител на кривичното дело Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик“, се вели во известувањето од СВР Скопје.

Според наведениот член од кривичниот законик, предвидени се затворски казни до осум години за тој што без дозвола гради на сопствено или туѓо земјиште, но иста казна е предвидена и за вработените во општините кои ќе дадат градежна дозвола без запазување на условите за градба.

Откако локалните власти не пронајдоа фирма за уривање на дивоградбата, Чаир распиша нов оглас за економкси оператор за уривање на бесправно изградени објекти. Дали вториот обид ќе биде успешен ќе се знае во четврток кога истекува рокот за пријавување на фирми кои сакаат да го урнат објектот пред Мавровка.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи почна пријавување на луѓе кои со потсмев се нудат сами да учествуваат во уривањето на бетонската градба.

Тоа прв го стори поранешниот новинар Дарко Чекеровски а доби поддршка и од други лица.