Македонија
29. јуни 2022 - 16:32

На 24 часа пред завршувањето на претседателството Франција нема нов официјален предлог

Нема ништо ново - е единствениот коментар на македонските власти, во момент кога во позадина и далеку од јавноста Скопје и Софија работат на договор. Шансата за дијалог беше искористена и денеска на Самитот на НАТО во Мадрид, каде што министерот Османи имал средба со претседателот Радев и министерката во оставка Генчовска, без дополнителна информација за содржината на разговорите.

За нова иницијатива за надминување на спорот не чула ниту Унијата. По посетата на Османи и неговиот тим на Софија, француските дипломати во седиштето на ЕУ велат дека не се запознаени со нова иницијатива.

“Топката e во рацете на Скопје и Софија. Доколку двете страни успеат да се усогласат, ЕУ и француското претседателството би биле подготвени за нов обид, но шансите се чинат многу мали со оглед на тоа дека остануваат само два дена, а напредок меѓу двете страни нема, според официјалните ставови”, брифираат за МИА европските дипломати.

Додека сите се во очекување на нов предлог, македонската опозиција прашува – што се преговара на тајните средби?

Во меѓувреме, порталот ПлусИнфо објави дека поседува документ, за кој се тврди дека е извештај од интерна дипломатска комуникација на земја членка на ЕУ и во кој се отсликува разногласието и раздинетоста на македонските политичари во преговорите.

Извештајот датира од минатата година, кога преговорите со техничката влада во Бугарија ги водеше претходната македонска гарнитура.

„Кога Стоев зборува со Османи, сѐ е во ред. Но кога тој ќе се врати во Скопје, се слушаат различни (други) позиции од премиерот Заев или од Димитров.Многу симптоматично, нели? Можно ли е во тој многу важен период, во втората половина на 2021 година, а можеби и пред тоа, Заев, Османи и Димитров со софиските политичари и дипломати да ја играле муртинската верзија на играта „добар и лош полицаец“, прашува порталот.

Во текстот се додава дека ваквото однесување на македонската дипломатија отвора дилеми – дали и денес преговорите се водат со неединствени ставови, односно дали во Скопје, слично како и обвинувањата во Софија, постојат повеќе од една официјална дипломатија.