Македонија
20. January 2025 - 9:43

На автопатот Демир Капија - Неготино пронајдени шест мигранти

На автопатот Демир Капија - Неготино синоќа околу 20 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода Е.Ф.(19) од Радовиш, затоа што во возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки превезувал шест лица мигранти, три од Непал и три од Индија.

- Претходно, на наплатна станица Демир Капија, тој не застанал на знак за запирање, даден од полициски службеници и продолжил со движење кон Гевгелија, при што влегол во тунел каде се изведувале градежни работи и со возилото удрил во работна машина, соопштија денеска од МВР.

Mигрантите се сместени во Транзитниот центар Табановце за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот, против Е.Ф. ќе биде поднесена соодветна пријава.