Македонија
3. April 2020 - 16:42

Над 1.000 прекршувања на полицискиот час и над 500 приведени лица до сега

Неколку кратно се зголемува бројот на прекршители на полицискиот час  во време на викенд, открива анализата на МВР.  Министерот Наќе Чулев вели дека за 80 проценти е поголем бројот на лица отколку за време на полицискиот час во работен ден. Според статистиката на МВР, во просек дневно се регистрираат по 100-тина прекршувања на полицискиот час. Така, од почетокот на воведувањето на забраната за движење, до денес регистирани се 1273 лица кои не го почитувале полицискиот час – приведени биле 511 а поднесени се и 434 кривични пријави. Министерот Чулев за викендов најави поголем број на полицијаци кои ќе ја спроведуваат забраната за движење. Можно е вклучување и на полициските дронови.

Додека се на своите работни места, за заштита од коронавирусот полициските службеници ќе користат и заштитна опрема која ја донира Словенија. Донацијата со ракавици и маски денеска со авион пристигна на скопскиот аеродром.

Донацијата од Словенија доаѓа по телефонски разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот на Словенија. Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил пишува дека со вторникот со премиерот Јанша размениле мислења за состојбите со пандемијата во двете држави.

Побарав од премиерот Јанша, да помогне Словенија во рамките на своите можности и капацитети. Денес, на скопскиот аеродром пристигна првата помош во заштитни маски и медицински ракавици од земја членка на Европската Унија, Република Словенија, пишува Мицкоски.