Бизнис
14. April 2021 - 16:32

Над 47 илјади граѓани останаа без парична помош за нега на друго лице поради административни бариери

Над 47 илјади граѓани останаа без парична помош за нега на друго лице поради административни бариери. Центрите за социјална работа, каде се поднесуваат барањата – не ги примаат документите без Конзилијарно мислење од 3 доктори. Матичните не можат да го обезебедат, затоа што нема термин кај лекарите на клиниките, кои се ангажирани во лекување ковид пациенти. Граѓаните кои чекаат продолжување или стекнување на правото за туѓа нега, за ваквиот проблем реагирале кај Народниот правобранител – кој веќе поднел претставка  до Владата и министерствата за труд и здравство.
 
Центрите не можат да ги примат барањата, без стручен наод, оценка и мислење од стручната лекарска комисија, одговорија од Министерството за труд. Знаат за проблемот и се во постојана комуникација со Министерството за здравство за барање решенија со недостатокот на термини, кои се пуштаат исклучиво од страна на комисиите за туѓа нега, формирани од Министерството за здравство.   
 
Во ера на дигитализација, кога во сите институции има компјутери, Народниот правобранител препорачува -  службите да работат електронски. Целата документација да се поднесува и пополнува по електроски пат. На тој начин ќе се избегнат гужвите и ќе се спречи ширењето на заразата. Инаку висината на помошта за нега на друго лице се движи од 4,000 до 4.560 денари.