Бизнис
20. March 2024 - 16:37

Нагло поскапување на минималната кошница - „Сѐ повеќе тонеме“, велат од ССМ

Одмрзнатите цени донесоа нагло поскапување на минималната кошница. 

Според најновните податоци, на едно четиричлено семејство му требаат речиси 59 илјади за да го преживее март, што е за над 1.500 денари повеќе од февруари.

„Најголем дел од кошничката оди во храна и пијалоци, за негде 1.460 од вкупно 1.522 денари. Останатото е дека се покачени кириите што значи дека повеќе за 250 евра не се наоѓа стан од 60 квадрати во Скопје. Другите ставки се горе-долу исти, меѓутоа храната и пијалоците, како и кириите ќе биде она што ќе ги доосиромашни граѓаните повеќе во текот на следните месеци“ – Иван Пешевски, ССМ

Ако семејството е под кирија месечните давачки се уште повисоки – над 74 илјади.

Математиката на ССМ покажува дека една минимална плата не е доволна да обезбеди ниту јадење и пиење оти месечно само за тоа се потребни над 22 илјади денари.

„Податоците од УЈП кажуваат дека најголем дел од граѓаните работат близу минимална плата или помеѓу минимална плата и просечна, а нашите показатели се дека едно семејство треба да има барем две просечни плати за да може да го протурка месецот. Се повеќе и повеќе тонеме. Бркајќи ги поголемите плати од друга страна трговците се повеќе ги зголемуваат цените“ - Иван Пешевски, ССМ 

Минималната кошница во март лани изнесувала околу 50, а во 2022 година била нешто над 36 илјади. 

Тоа значи дека за две години, давачките за најосновните животни потребни се зголемени за неверојатни 22.230 денари.

Очекувањата се дека ред во цените ќе стави законот за нефер трговски практики чии ефекти ќе бидат видливи дури наесен.