Македонија
17. September 2021 - 12:28

Намален бројот на жртви во сообраќајот

Безбедноста на патиштата во државата се подобрува, а бројот на сообраќајни несреќи и жртви опаѓа покажуваат анализите на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патишата. Статистиката за август бележи тројно намалување на жртвите во овие несреќи во однос на истиот период лани. Од советот велат дека за овој позитивен тренд влијание имаат и големиот број превентивни акции кои континуирано се спроведуваат во соработка со МВР.

Покрај алкохолот и брзото возење како причина во сообраќајните несреќи со голем процент учествува и заморот. Токму затоа летово беше реализирана и посебна кампања насловена вози одморен. Нејзината цел беше подигање на свеста кај возачите и потсетување дека позади волан треба да седнуваат само кога се одморени.

Од Републичкиот совет велат дека со последните податоци нашата држава полека ама сигурно се приближува до земјите членки на ЕУ во кои просекот е 5 загинати лица на 100.000 жители. За целосно изедначување на овој просек и достигнување на европското ниво на безбедност на патишата бројот на загинати во сообраќајни незгоди на годишно ниво не треба да биде поголем од 100 лица.