Македонија
24. March 2023 - 12:18

Наместо да увезуваат работници, македонските компании сакаат да ги обучуваат студентите

Ако порано соработката помеѓу Универзитетите и компаниите беше симболична, денес во недостиг на работна рака, фирмите максимално ја засилуваата таа врска во обид да дојдат што е можно повеќе квалификуван кадар и да го задржат да не се исели надвор до Македонија. Во оваа насока на Економскиот факултет во Прилеп се отвори Центар за Претприемништво и креативност.

„Се зборува за увоз на работна сила. Во една таква ситуација се смени улогата на бизнисот, бизнисот сега тропа на вратата на универзитетите, да влези, да работи со нашите студенти за кога ќе излезат да имаат и практични вештини“, вели проф. д-р Игор Неделковски, Ректор на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола.

Проектот за Центарот за претприемништво го спроведува Здружението за истражување и анализи ЗМАИ.

„Во вакви простори многу лесно младите ќе најдат начин да развиваат идеи, да го поддржуваат и развиваат својот претприемнички дух, меѓутоа и да учат многу повеќе за новите технологии, како циркуларната економија и биотехнологијата и како тие можат да им понудат можности за развој“, истакна Јована Аврамоска Николовска, проектен координатор во Здружение за истражување и анализи ЗМАИ.

И младите сметаат дека овој Центар ќе помогне за поголема соработка помеѓу нив и бизнис секторот за да се стопира иселувањето.

„Бидејќи ние имаме професионален кадар кој излегува тука на нашиот факултет, сметам дека ние би им биле голема бенефиција на самите фирми со нашите вештини и нивното поттикнување со цел полесно вработување“, додаде Валентин Димитриоски, студент на Економскиот факултет во Прилеп.

„Има многу интереси од страна на фирмите кои бараат наши студенти, значи одржувата постојано обуки, одржуваат презентации во однос на тоа што тие го работат и бараaт наши студенти“, кажа Христина Димитриеска, студент на Економскиот факултет во Прилеп.

Министер за Локална самоуправа, Ристо Пенов, истакна дека претприемништвото било кариката која недостасува во македонското општество.

„Не да се држат семинари на потенцијални претприемачи, туку да го внесува духот во средно училиште, во уште пониски образовни одделенија затоа што тоа е тоа заради кои сме ние во една ваква ситуација“, вели Ристо Пенов, Министер за локална самоупрва.

Отворањето на Центарот е финансирано од ИПА програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.