Бизнис
23. March 2023 - 16:31

НБРМ бара да забави растот на платите за да не порасне инфлацијата

Внимателно со растот на платите, можат да ја подгреат инфлацијата. Ова е пораката на гувернерката Бежоска кон министерот за финансии Бесими. 

Во време на криза, кога Народната банка постојано го затега ременот за да ја заузда инфлацијата, зголемувањето на платите ќе предизвика спротивен ефект. Ќе се  зголеми личната потрошувачка кај домаќинствата, што ќе предивика пораст на трошоците за живот. Платите треба да растат ако се зголеми продуктивноста кај вработените, а кај нас таа опаѓа, вели Бежоска.

„Мора да задржиме мудри монетарни политики. Но, имајќи ги предвид комплексните монетарни шокови со кои се соочуваме клучно е дека монетарните политики мора да бидат поддржани со фискални политики за да се спречи зголемување на платите кое не е поврзано со растот на продуктивноста, потенцира Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народна Банка.

Фискалната е координирана со монетарната политика, уверува министерот за финансии Бесими. Иако Народната Банка, за една година 10 пати ја зголеми референтната камата, Владата продложи со експанзивна политика и помош за сите граѓани, наместо кон оние на кои им е најпотребна. Сега проблем за државата е како да се намали дефициот и јавниот долг, кога задолжувањето станува се поскапо.

„Оваа година имаме малку поразлична проекција во однос на годинашната инфлација, но во однос на политиките се обидуваме да ја задржиме конзистентноста во мерките. Сега влегуваме во пролетното време во однос на трошоците и се надевам дека ќе постигнеме рамнотежа, но економската активност останува пониска од тоа што го проектиравме, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.

Затегањето на монетарната политика е клучно во забавување на инфлацијата, согласни се гувернерите од регионот. Иако почна да се намалува, се уште е рано да се прогласи победа. Каматите и натаму ќе растат, а кредитирањето ќе забавува.

„Граѓаните и домаќинствата треба да се подготват за тоа што ги чека, а тоа е дека ќе растат каматите. Исто така предизвик за државата е што ќе растат платите, но тука е монетарната политика и алатките што ги има на располагање, изјави Петар Кажимир, гувернер на Народна Банка во Словачка.

Инаку Македонија е домаќин на годишниот форум на Виенската  иницијатива, што е прв пат да се одржува настан во земја која не е членка на Унијата. Присутни се гувернери на централни банки, вицегувернери, преставници на меѓународни финансиски институции и банки од 14 земји од Европа.