Бизнис
26. February 2021 - 17:00

НБРМ им забрани на банките да исплаќаат дивиденда

Акционерите во банките и осигурителните компании ќе останат без дивиденда. Нардона банка донесе времена мерка со која забранува исплата на дивиденда. Мерката ќе важи до крајот на годината, но ако има позитивни сигнали на пазарот можен да биде укината до крајот на септември.

Советот на НБРМ одлуката ја донесе заради пандмијата.

„Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“, стои во соопштението од НБРМ.

Од Македонската банкарска асоцијација велат дека одлуката на НБРМ се уште се разгледува, став по неа засега нема.

Покрај НБРМ, препорака за неисплаќање дивиденда стигна и од Агенцијата за супервизија на осигурување. Испратена е до сите осигурителни компании во земјава. Причина се намалените приходи.

„Еден од клучните фактори за носење на препораката е фактот што вкупните приходи од бруто полисирана премија (БПП) на целиот осигурителен пазар лани се намалени за 5 отсто во споредба со претходната година“, стои во соопштението од АСО.

И во случајот на банките и на осигурителните компании најголемите акционери се странски.