Бизнис
4. May 2016 - 12:13

НБРМ ја зголеми каматната стапка на благајничките записи

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) одлучи да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка за 0,75 процентни поени, од 3,25 проценти на 4 проценти.

- Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа, соопшти денеска НБРМ.

Од друга страна, се додава во соопштението, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата. - Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен раст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови, соопшува НБРМ.

Воедно од НБРМ посочуваат дека како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следат движењата и доколку е потребно, ќе направат дополнителни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти, со цел успешно да се остваруваат целите на монетарната политика.