Македонија
8. March 2021 - 12:26

Не запира палењето на трските во Охридското Езеро

Повторно се пали трската на Охридското Езеро долж крајбрежјето. Екологистите стравуваат дека зад ваквите случаите се кријат економски интереси, секоја година пред почетокот на градежната сезона се случува истото, тие  предупредуваат на последиците од уништувањето на живеалиштата за животинскиот свет, на нивниот простор за безбеден живот и размножување и апелираат за зачувување на природата во Охрид и Струга.

Само пред неколку дена се случи голем пожар во струшкото село Калишта каде е уништена трска во должина од 400 метри и ширина од околу 40 метри. Од полицијата велат дека во координација со инспекциските служби работат на откривање на сторителите.

Портпаролот на СВР Охрид Димоски најави дека против можните сторители ќе бидат поднесени кривични пријави за узурпација на недвижности и уништување на еколошката средина.