Македонија
22. December 2025 - 16:34

Нема договор за интервентно зголемување на минималната плата

Нема интервентно зголемување на минималната плата. На последниот состанок на Економско-социјалниот совет Сојузот на Синдикати незадоволен што точката за зголемување на минимална плата воопшто не беше во планот на Владата.

- Поканата која ја добивме не беше предвид да се дискутира за животниот и работничкиот стандард на работниците, ниту на граѓаните. Бевме изненадени од таквата покана, веројатно некој сакаше да си честитаме Нова година денес, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Сепак, на барање на ССМ точката за минимална плата беше ставена на дневен ред, но без успех. Трендафилов вели, никој не сака да ги слушне аргументите на Синдикатот.

- Ги побивме сите досегашни тези на работодавачите, како и на претставниците на Владата. Меѓутоа, тие аргументи за нив не беа доволни. Анкетата која ја спроведе ССМ од 1.600 испитаници исто така не беше репрезентативен примерок. Тоа што Македонија има најниска минимална и најниска просечна плата, односно, ако има дно, многу пати кажуваме, сме под дното, и тоа не е доволно вели, Трендафилов.

Ставот на Владата е јасен ако работниците и работодавачите се договорат, тие немаат проблем за интервентно зголемување на минималната плата.

- Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемувањето на минималната плата. Според сите параметри што ги гледаме, економските параметри, не покажуваат дека треба да интервенираме директно бидејќи ќе се соочиме со зголемување на инфлацијата, ќе се соочат малите и средните претпријатија со финансиски проблеми кадешто ќе бидат принудени да ги напуштат работните места вработените што не е интерес ниту за вработените, ниту за државата, вели министерот Дурмиши.

Профитабилноста на македонските бизниси е меѓу 2 и 5%, вели претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков. Поради тоа, во овој момент, енормно зголемување на минималната плата не би било добро за државата. Сепак, оттаму дале предлог преку законски измени да се интевернира во одредени сектори.

- Еден од предлозите на Бизнис конфедерацијата на Македонија во рамки на Законот за работни односи да се прошири колективното договарање со што ќе се вклучи минималната плата, особено во одредени сектори. Нашиот предлог е дека со договорањето на минималната плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите, вели Бошков.

Министерот Дурмиши вели дека Министерството за економија се уште ја нема изготвено минималната кошница. Прашан дали државата планира Новогодишна или Божиќна кошница како што имаше во минатото, Дурмиши рече дека за сите прашања надвор од темата ќе одговорел во среда на брифинг со новинарите.