Балкан
20. September 2020 - 13:05

Невремето „Ианос“ во Грција одзеде три животи и предизвика катастрофални штети

Бројот на загинати во невремето „Ианос“ што од четвртокот вечерта ја зафати Грција се зголеми на три лица, откако утрово беше пронајден мртов маж кој се водеше за исчезнат, откако паднал кровот на неговата куќа, додека пак, од силниот ветер и обилниот дожд предизвикана е сериозна материјална штета, во повеќе делови на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Островите Кефалониа, Закинтос, Итаки, градови од централна Грција, особено Кардица, ги пребројуваат катастрофалните штети од медитеранскиот циклон, што зад себе остави уништени и оштетени домови и продавници поплавени улици и сл.

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека од почетокот на невремето во четвртокот вечерта, заклучно со рано утрово добиле 2.450 повици за помош, а интервенирале во спасување во 942 случаи во деловите зафатени од невремето, односно островите во Јонското море, во западна и централна Грција, во областа Тесалија, како во Коринт на Пелопонез.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во следните денови ќе го посети градот Кардица, што беше погоден од невремето.

Циклонот доцна синоќа го погоди островот Крит и полека се оддалечува од Грција.