Македонија
29. May 2023 - 16:34

Никој нема против лидерска средба, одржувањето ќе зависи од темите за кои ќе се разговара

И власта и опозицијата за лидерска средба, но со различна агенда за тоа што треба да произлезе од нејзе.  

Од СДСМ се уште инсистираат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да седне на маса и да разговара за уставните измени. Иако временски средбата ја ставаат за 10 дена, сепак не откриваат кој е точниот дневен ред на состанокот и дали на него можат да се најдат и избори. 

Премиерот Ковачевски пак, вели дека ќе го предводи процесот поврзан со евроинтеграциите, но бара поддршка и од политичките неистомисленици.

„Се надевам дека сите политички партии во државата, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за народот, а не за лична кариера на било кој политичар во државата. Уште еднаш одовде испраќам порака и повик за сплотеност, заедништво, обединување и издигнување над нашите политички, идеолошки разлики во име на поквалитетен живот и посигурна иднина за сите нас и за идните генерации“.

Од опозицијата пак, фокусот го ставаат на избори. 

„Димитар Ковачевски ден поскоро да го достави на гласање во Парламентот прашањето за уставни измени, да се види дека нема мнозинство и да се распишат избори. Истовремено до Собранието да ја поднесе и потпишаната оставка. Со таков чекор Ковачевски ќе си ја реализира оставката, партиските комисионери нема повеќе да земаат скапи хонорари, а државата ќе спаси пари од буџетот од натамошни крадења од власта. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, нема уставни измени под бугарски диктат. Тоа е и став на 90 проценти од народот, тоа е став и на дел пратеници од СДС“.

Од ВМРО-ДПМНЕ стојат на ставот дека лидерска средба на која ќе се разговара за државните и националните интереси е прифатлива, но само ако на нејзе се разговара и што по неуспешниот обид за уставни измени. Од партијата на Мицкоски засега немаат проблем ни за форматот на средбата, односно дали таа би била тет-а-тет или пак, во поширок состав со други лидери.

Во меѓувреме, се очекува Владата утре да ги прифати предлозите на работната група за вметнување на повеќе народи во Уставот, меѓу кои и бугарскиот, по што нацрт-уставните амандмани треба да влезат и во собраниска процедура.